Зегин Опен 2023 – Берово
На 3.09.2023 година заврши Меѓународниот турнир во пинг-понг Зегин Опен 2023 кој изминатиот викенд се одржа во Берово. Турнирот е еден сегмент од низата проекти Малешевци за Малешевијата преку кој се афирмираат младите и спортот во Малешевијата, а воедно и истата се презентира со сите свои природни убавини пред целиот свет.
Победници на турнирот на кој учествуваа околу 200 натпреварувачи од 12 земји се Аргентинецот Франциско Санчи и Србинката Анета Максути кои беа најдобри во апсолутна категорија.
Во рамки на последниот ден од турнирот се одиграа натпреварите во кадетска и јуниорска конкуренција каде како најдобри се покажаа белорусинот Никон Шутов и Бугаринот Милан Жеков, додека во женска конкуренција славеа белорусинките Тимашкова и Жатко.
Оваа година, како што истакна Роберт Николов од организациониот одбор на турнирот, наградниот фонд беше двојно зголемен за разлика од минатата година и истиот изнесуваше 10 илјади евра.
-Од минатата година растеме како што растат и средствата. Имавме пет држави, оваа година учесници од 12 држави, годинава имавме околу 200 спортисти натпреварувачи. Се надеваме следната година ќе растеме со турнирот, ќе дојдат уште повеќе учесници, рече Николов.
Честитајки им на сите победници, спонзорот Благој Механџиски – Зегин, рече дека со самиот факт што во една од конкуренциите победи најмалиот е доказ дека иднината на пинг-понгот е во младите.
-Поздрав до сите 12 земји и преку 190 учесници. Поминавме успешно со преголем број гледачи на настанот кој се пренесуваше во живо на јутјуб. Посебна радост е тоа што најмалиот ја освои најголемата награда, што значи дека успехот и иднината е во младите и затоа ние не жалиме за средства, продолжуваме догодина со повеќе искуства, со поголем награден фонд, рече Механџиски.
За победникот во јуниорска конкуренција Никон Шутов од Белорусија ова беше успешен турнир
-Последниот натпревар со колегата од Србија беше доста тежок, се помачив, но успеав да преовладеам во однос на резултатот, истакна победникот во јуниорска конкуренција.
Вистинско изненадување на турнирот приреди младиот 13 годишник, Милан Жеков од Бугарија кој победи во кадетска конкуренција совладувајки далеку покорпулентни противници од себе.
– Сега ќе полнам 13 години, играм од пред 2,5 години, а според мене тајната на победата е да тренираш напорно и да бидеш постојан во својата игра, рече младиот Жеков.
Зегин Опен 2023 започна со натпревари во ветеранска конкуренција на која учествуваа пинг-понгари од 40 до 70 години. (МИА)