За Малешевијата
Во османлиските даночни регистри на немуслиманското население од вилаетот Малешева од 1621-1622 година е забележано селото Берова, кое заедно со еврејската маала имало вкупно 55 домаќинства. Во 1830 година во Берово е отворено ќелијно училиште, каде учителствувал Петар Клисаров од Штип.
Во селото Разловци во близината на Берово, во 1876 година е дигнато познатото Разловечко востание на чело со легендарниот македонски револуционер од овој крај Димитар Поп-Георгиев Беровски кој е роден во градот Берово.
За тоа како го добило Берово своето име, постојат две верзии.
Според првата, тоа го добило своето име по името на некојси сточар Беро. Аргумент за ова е постоењето на таканаречената Берова ливада, во атарот меѓу селата Мачево и Робово, за која се смета дека му припаѓала на овој сточар.
Според втората верзија која е поверојатна името Берово произлегло од тоа што луѓето се береле (се собирале) на тоа место. Се поставува прашањето од каде се берело населението. Па од старите населби во месноста Туртела, Селца, Рибница, Раздоло, Клепало, Добри Лаки и други, а подоцна и од другите малешевски села.
Берово е сместено во источниот дел на Македонија во областа Малешевија, односно Малешевската Котлина на 846 метри надморска височина. Богатство од букови, борови, дабови шуми го одредиле и неговото име “малеш – планина”. Општинскиот центар Берово и селските населби се сместени на периферијата на котлината. Во близина на Берово се наоѓа вештачкото Беровско Езеро, коешто поради недопрената природа и чистиот воздух претставува поволно место за развој на туризмот и околу езерото изградени се неколку туристички капацитети.
Малешевска Котлина или Беровска Котлина — котлина во крајниот источен дел на Македонија и зафаќа површина од 192 км2. Од сите страни е заградена со планини и тоа: на север со Голак и Бејаз Тепе, на југ со Огражден, на исток со Кадиица и Влаина и на запад со Плачковица и Обозна. Овие планини се богати со шуми во кои преовладуваат буката, дабот и елата.
Освен тоа тие изобилуваат со сочни пасишта, дивеч и со лигнит. Рудникот „Брик“ располага со резерви на лигнит доволни за 25 години експлоатација со просечно производство од 90 илјади тони годишно.
Котлината е висок предел во источниот дел на Република Македонија. Го зафаќа изворскиот слив на реката Брегалница, до нејзината клисура над с. Разловци. Тоа е опколено со Малешевските Планини и со разграноци на Влаина, Голак и Плачковица, а е отворено само накај север по долината на Брегалница. Преку Малешевијата водат две регионални сообраќајници. Едната го поврзува на север со Пијанец и на југ со Струмичката Котлина, а другата го поврзува на запад со Кочанската Котлина и на исток со долината на Струма.
Првпат се спомнува во една повелба на византискиот цар Василиј II во 1020 г. Малешевци претежно се занимаваат со сточарство, овоштарство и со производство на компири.
Котлината има средна надморска височина од 900 метри и спаѓа меѓу највисоките наши котлини со Мариово и Преспа. Во пролетниот и летниот период Малешевската котлина има изглед на зелена оаза поради непрегледните ливади и пасишта. Сликата и пејзажот го надополнуваат и многубројните овоштарници со сливи, круши и јаболка со кои котлината е надалеку позната.
Низ котлината течат реките Брегалница и Ратевска Река. Над селото Ратево е подигната акумулацијата Ратево чии води се користат за поливање но истовремено служат и како резервни води за наводнување на оризовите полиња во Кочани, кои преку езерото Калиманци пристигнуваат и во Овче Поле.
Населението во Малешевската Котлина се одликува со традиционална гостољубивост и револуционерна прадедовска традиција. Во првите бурни настани пред илинденскиот период населението масовно се приклучило кон Разловечкото и Кресненското востание.
Во котлината постојат поволни можности за развој на туризмот. Тоа го овозможуваат месностите Малешево и Абланица.